Во Општина Ресен на 5 октомври 2026 година беше одржана презентација на нацрт-верзијата на „Програма со посебни мерки и акциски план за заштита и реставрација на хабитатот E1.2 / 6260 – Панонски степски песочници“*.
Активноста се реализираше во рамките на проектот ″Споменик на природата Преспанско Езеро″, кој е финансиран од Фондот за природа „Преспа-Охрид“ (Prespa Ohrid Nature Trust – PONT).
Презентацијата беше организирана од Општина Ресен, како управувач со Споменикот на природата Преспанско Езеро, со цел запознавање на заинтересираните страни со предложените мерки и активности за заштита и реставрација на овој значаен хабитат.
На настанот, присутните имаа можност да се запознаат со нацрт-верзијата на Програмата. Во рамките на презентацијата беа опфатени предложените активности и мерки насочени кон зачувување, унапредување и реставрација на хабитатот E1.2 / 6260 – Панонски степски песочници*.
По презентацијата беше реализиран дел за консултации, дискусија и размена на мислења, при што присутните имаа можност да дадат свои забелешки, предлози и сугестии во однос на нацрт-верзијата на Програмата.
Одржувањето на оваа презентација претставува значаен чекор во процесот на планирање и спроведување на конкретни мерки за заштита на природните вредности во подрачјето на Преспанското Езеро, како и во насока на унапредување на управувањето со заштитеното подрачје.
Општина Ресен продолжува со реализација на активностите предвидени со проектот ″Споменик на природата Преспанско Езеро″, со посветеност кон зачувување на природното богатство и биолошката разновидност на Преспанскиот регион.