Демант на Општина Ресен

Општина Ресен најостро ги демантира невистините изнесени на пресот на ВМРО  ДПМНЕ – Ресен  за наводните неправилности во постапката за јавна набавка на работи – Чистење на крајбрежјето на Преспанското Езеро.

Јавноста заслужува и треба да биде објективно и потполно информирана, а со таа цел како институција, сметаме дека треба да дадеме кратко објаснување на постапката.

Градоначалникот со одлуката за јавна набавка формира  Комисија  за спроведување на оваа јавна набавка  во состав од  претседател и четири членови како и нивни заменици поради сложеноста и вредноста на набавката.

Во текот на постапката  која се спроведува согласно Законот за јавни набавки целосно во електронска форма, комисијата работеше во полн состав и ја разгледуваше целосната документација прикачена од економските оператори заедно со финансиските понуди.

Комисијата своите одлуки ги донесуваше со консензус и за секој поединечен документ  имаше заедничко мислење. При евалуацијата  констатирани се недостатоците или нејаснотии и затоа:

Комисијата постапи согласно член 109 став 1 и 2 од ЗЈН, односно при проверката на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачот и евалуацијата на понудата, побара понудувачите  да ги појаснат или  дополни документите, но онаму каде  сметаше дека не постои значително отстапување од бараната документација.

Комисијата  внимаваше  да не се создава предност во корист на некој економски оператор во однос на останатите и кога беше доставена бараната документација комисијата  му достави на градоначалникот предлог за избор на најповолен понудувач.

Двата економски оператори за кои комисијата сметаше дека имаат неприфатливи понуди беа преку електронскиот систем за јавни набавки  известени за изборот на најповолен понудувач, а потоа беше  објавена и  Одлуката за избор на најповолен понудувач.

По донесената одлука еден економски оператор кој учествуваше во постапката за јавна набавка со своја понуда изјави жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки и комисијата ја поништи одлуката за избор и предметот го врати на повторна постапка сметајки притоа дека избраниот понудувач има неприфатлива понуда бидејќи по барањето за појаснување на документацијата достави документација со дата за која Државната комисија сметаше дека е после доставување на понудите.

Мораме да истакнеме дека економскиот оператор кој се жалеше имаше финансиска понуда која беше повисока од проценетата вредност на јавната набавка  за  9.013.771,15 денари без вклучен ДДВ  , а тоа се парични средства кои Општина Ресен неможе дополнително да ги обезбеди.

Поради тоа општината ја поништи постапката за јавна набавка, а не поради наводите изнесени на пресот .

Општина Ресен како институција, како и досега така и понатаму ќе се раководи врз принципите на транспарентност, чесност, одговорност и во интерес на граѓаните, и во никој случај, нема да се дозволи со вакви пресови водени од начелото за добивање на ситни партиски поени, да се фрла црна дамка врз нејзиното работење.