Кампањата ,„ПОДАЈ РАКА И ПРОМЕНИ ЖИВОТ – СТАНИ ЗГРИЖУВАЧ!” и во општина Ресен!
Единствена цел на настанот е секое дете да расте во топол дом и да добие шанса за светла иднина, преку промоција на згрижувањето и информирање за бенефитите и условите за истото.
На 12.11.2022 – Сабота, со почеток во 11.00 часот, на плоштадот Цар Самоил во Ресен, посетете не и дознајте ги придобивките од згрижувањето, како и начинот на кој може да станете згрижувач.
Националната кампања се спроведува од страна на СОС Детско село во 26 општини во Републиката во 2022, а е во соработка со Центрите за поддршка на згрижувачки семејства ,,Битола” и “11 Oктомври”, Министерството за труд и социјална политика и локалните самоуправи, а овозможена е од страна на Германското министерство за економски развој и соработка.
Настанот е наменет за сите заинтересирани граѓани, со потенцијал да станат згрижувачи, кои преку промотивни материјали и директни консултации со стручни лица, како и самите згрижувачи, можат повеќе да се информираат околу згрижувањето.
Згрижувачите добиваат месечен надомест за згрижено дете (16.788 мкд за секое згрижено дете), надомест за згрижувач, услуга на стручна помош и поддршка преку центри за поддршка за згрижувачки семејства, како и други придобивки, од кои и траен надоместок од државата со навршен стаж од 15 години згрижувач.
На овој начин, згрижувачите учествуваат во можеби најхуманата активност – заштита на детето, прават вистинска промена и менуваат не само еден живот – но цели генерации. Притоа, истовремено ја намалуваат стигматизацијата во општеството за децата во недостиг од соодветна грижа.
На настанот ќе присуствува Градоначалникот на Општината, г. Јован Тозиевски, како и Директорот на Центарот за социјална работа, г. Борче Ристевски, како и претставници од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства Битола, кои се надлежни за општина Ресен и кај кои можете да се обратите со сите дополнителни прашања.
ПОВЕЛЕТЕ, ПОСЕТЕТЕ ГО НАСТАНОТ НА ДЕН, 12.11.2022 ГОДИНА ВО РЕСЕН НА ПЛОШТАДОТ ЦАР САМОИЛ И ИНФОРМИРАЈТЕ СЕ КАКО МОЖЕ ДА СТАНЕТЕ ЗГРИЖУВАЧ.
За сите кои се заинтересирани да станат згрижувачи, а немаат можност да присуствуваат на настанот, повеќе информации за тоа како да станат згрижувач, можат да добијат на телефонскaта линија 075/277-477 и веб страната http://www.zgrizuvanje.mk.
Во продолжение изјавата на Градоначалникот на општина Ресен г. Јован Тозиевски:
Развојот на социјалните услуги во локалната заедница и нивната достапност до граѓаните е наша заедничка заложба. Општина Ресен ја поддржува иницијативата за градење на мрежа на згрижувачки семејства и достапни услуги во локалната заедница за сите, и како дополнителен стимул за пријавување на згрижувачки семејства во Ресен, општината ќе воведе мерки и активности во програмата за социјална заштита за 2023, наменета соодветно за згрижувачките семејства. (нпр. материјална или финансиска поддршка за семејствата)
Секое дете заслужува љубов, грижа и топол дом, бидејќи тие се нашата иднина. Да станете згрижувач, значи да ја одберете најхуманата работа во општеството. Ние, Општина Ресен ќе дадеме сопствен придонес во идентификување на потенцијални згрижувачи кои ќе обезбедат грижа и заштита на децата и ќе овозможат одржување на врските со семејството, заедницата и културното потекло.
Истовремено ќе се заложиме да обезбедиме развој на систем на поддршка од други дополнителни социјални услуги како поддршка кон згрижувачите, согласно потребите на населението.
Благодарам.