Реализацијата на овој Меморандум предвидува обезбедување на дополнителни здравствени и социјални услуги на претставниците од најранливите категории граѓани на општината, создавање на услови за активна улога на вклучените ангажирани лица т.е. тимови за обезбедување на потребната грижа во домашни услови и сл.
Овие активности во исто време ќе им овозможат на вклучените лица стекнување на искуство за работа со ранливи категории на граѓани и обезбедување на грижа во домашни услови.
Тимот е составен од социјален работник, две медицински сестри и два негуватели, кои секојдневно ќе вршат посета на лицата на кои им е потребна помош, но со претходна консултација и координација со матичните лекари и останатите служби на локално ниво.
Иницијативата вклучува обезбедување на болничка служба, проширување на услугите на патронажна медицинска сестра, домашна медицинска грижа и обезбедување на стандардни програми од страна на обучени (но немедицински) даватели на нега.
-Чест и задоволство ми е што општината Ресен е една од првите општини во Македонија, која во текот на 2019 година ќе обезбедува медицински и здравствени услуги на лица кои имаат потреба од грижа и здравствена заштита во домашни услови. Услугите од овој тип се иновативни и а прв пат се воведуваат како иницијатива во Република Македонија, а во рамки на Програмата на УНДП ,,Општинско – корисна работа‘‘- истакна градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски.
Главен мотив на општина Ресен е бенефитот од досега спроведените активности во областа на социјалната и детската заштита преку Општинско корисната работа (ОКР)како и потребата да се направат дополнителни напори за идентификација на вистински ранливите категории во општината бидејќи тие не секогаш самите бараат помош во институциите и да им се обезбеди потребната помош.
-Иницијативата за воспоставување на заеднички сервис на МЗ и МТСП за грижа во домашни услови во општината, со поддршка од надлежните министерства и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а во рамки на Програмата Општинско- корисна работа е иницирана во соработка со ЈЗУ Здравствен Дом – Ресен , Агенција за вработување и Центарот за социјална работа – Ресен. Програмата е насочена кон обезбедување на услуги од социјалната сфера, а од друга страна овозможува социјално вклучување на невработени лица и нивно стекнување со одредени вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот - изјави градоначалникот.
Како целна група и крајни корисници на овој вид на активност се старите и изнемоштени лица, децата од предучилишна возраст, децата и лицата со посебни потреби и маргинализирани групи кои не се во состојба да си ги остварат своите права од областа на здравството.