Почетна


Отворен ден на судовите


Република Македонија и оваа година се вклучува во одбележување на Европскиот ден на граѓанска правда. За таа цел, во судовите во Република Македонија 25 октомври 2018 година ќе биде отворен ден за граѓаните.







25-ти октомври е Европски ден на граѓанска правда што секоја година се одбележува во сите држави во Европа. Целта за неговото одбележување е во сите европски држави правдата да се доближи до граѓаните и тие да бидат запознаени со нејзиното спроведување. Со тоа се обезбедува широк пристап до правдата за граѓаните и пошироката јавност. Интенцијата за одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда е на граѓаните во Европа да им се овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области (семејно право, право на сопственост, наследување, договорно право, авторско право и сл.). Исто така, на овој ден граѓаните во Европа се запознаваат со функционирањето на системот на правосудството во поширока смисла (пристапот до правдата, медијацијата, извршувањето на судските пресуди и сл.).

Иницијативата за одбележување на овој ден потекнува од Европската комисија и од Советот на Европа кои широко го поддржуваат организирањето на активностите во сите европски држави. Овој ден посебно се одбележува со организирање на отворени денови во судовите, средби на судии, извршители, нотари, адвокати и медијатори со граѓаните, давање на информации и совети на граѓаните, симулација на судења, организирање локални конференции и сл.